Episoder
-
Звукот на моторните пили е најстрашниот звук за дрвјата. Неверојатно е колку сме им неблагодарни на овие прекрасни организми кои ни го прочистуваат воздухот, односно ни го снабдуваат со кислород, и со тоа – ни овозможуваат да дишиме. Но дрвјата прават и многу други корисни работи за нас – на пр. оние кои растат покрај реките – т.н. „рипариски шуми“ – нѐ штитат од поплави и ерозии, ја филтрираат и прочистуваат водата и се живеалиште за многу животни коишто живеат покрај реките.
Токму ваквиот вид на дрвја, нивната биологија и значење ги проучува нашата соговорничка, Ивана Лозановска, која е докторанд на Универзитетот во Лисабон, Португалија. Во оваа епизода од „Наука за сите“ подкастот, разговараме и за концептот на екологијата како наука која има далеку поголем опсег од популарното разбирање на истата само како „чистење на околината“. Ивана беше љубезна да објасни и како хидроцентралите и браните влијаат врз животната средина, што може да направиме за да ги зачуваме реките и вегетацијата околу нив, збор-два кажавме и за животот во Португалија каде што студира, разјаснивме која е разликата меѓу „еколозите“ и „екологистите“, зборувавме како е да се кампува и истражува предели во името на науката и многу други интересни и битни работи. Затоа, не ја пропуштајте оваа 16-та епизода од „Наука за сите“ подкастот со Атанас Кирјаковски.
МУЗИКА: Purple Planet Music -
Најава за епизода #16 со екологот Ивана Лозановска од Универзитетот во Лисабон, Португалија.
-
Mangler du episoder?
-
Добредојдовте и во оваа епизода од Наука за сите подкастот. Ако сте слушнале досега барем една епизода, ако сте слушнале барем еден разговор со некој од нашите паметни гости, веруваме ќе се сложите дека науката има моќ да го види невидливото, односно да ги открие и разоткрие убавините на реалноста. Но истовремено, мораме да признаеме, таа ги разоткрива и опасностите кои секојдневно нѐ демнат. Иако делува страшно, тоа што науката нѐ соочува со суровите факти на реалноста, всушност ја прави најкорисната алатка којашто човештвото ја стекнало досега.
Оваа алатка во рацете на денешната гостинка – Милка Љончева – која е докторанд и млад истражувач на институтот „Јожеф Стефан“ во Љубљана, Словенија, на одделот за Науки за животната средина – открива многу за огромниот број на органски загадувачи присутни во нашата средина и нашето тело. На пр. дали знаевте дека конзервансите кои се додаваат во голем дел од козметичките производи всушност содржат супстанци кои имаат токсичен ефект на долг рок, како за нас, така и за останата флора и фауна откако ќе завршат во отпадните води? Милка дополнително објаснува што е експозомика и како нејзината лабораторија развива методи за детекција на илегални дроги во канализацијата. Во разговорот, го дискутираме и загадувањето на реките и Охридското езеро, но и проблемот со пречистителните станици во Македонија кои се далеку од потребното ниво на функционалност. Вреди да ја дослушате докрај епизодава. Уживајте.
МУЗИКА: Атанас Кирјаковски -
Добредојдовте во вториот дел од епизодата за психологијата на епидемиите. Во првиот дел, односно епизода 12 од Наука за сите подкастот заедно со Гоце Симоноски ја аргументиравме потребата епидемиите да се решаваат мултидисциплинарно, односно објаснивме како психолозите, социолозите и когнитивните научници можат да им помогнат на епидемиолозите, лекарите и биолозите со совети за модификација на човековото однесување базирани врз научни докази.
Зборувавме за концептот на „физичко“ дистанцирање наспроти социјалното, улогата на медиумите и социјалните мрежи во време на епидемии, за еволуцијата на механизмите за детекција на опасност, за личната одговорност на индивидуалецот кон групата, за искуствата од другите земји, како и за македонската култура во контекст на епидемијава.
Во второт дел започнуваме со демистификација на теориите на заговор и лажните вести, можните начини на кои научната комуникација со населението може поефективно да се одвива со цел да го убеди да практивува здрави навики и совесно однесување, понатака разговараме за социјалната изолираност и осаменост и ред други интересни теми кои се релевантни во овој момент. -
Најава за вториот дел од подкаст епизодата „Психологија на епидемиите“.
-
Во оваа епизода од Наука за сите подкастот гостинка ни е Билјана Мојсоска. Таа е авторка и дел од нашата иницијатива веќе подолго време. Инаку Биби е доцент по органска хемија и микробиологија на Универзитетот Роскилд во Данска. Со нејзиниот тим работи на синтеза на нови антибиотици. Вели дека сѐ уште крши јазици со данскиот, а во слободно време ужива во сликарството и музиката.
Биби раскажува како ги обучуваат нивните студенти критички да размислуваат, а потоа истите принципи на скептицизам, студиозност и претпазливост ги препорачуваме и на генералната публика преку разни примери и ситуации. Се надеваме дека ќе ви дадеме некои идеи како полесно да препознавате и демистифицирате лажни вести и сензационалистички наслови – „Не верувајте во сѐ што ќе прочитате“ – нека биде мотото на оваа епизода од Наука за сите подкастот.
МУЗИКА: Purple Planet Music -
Ова е тизер за подкаст епизода #13 наскоро во која Атанас Кирјаковски и Билјана Мојсоска од Роскилде универзитетот во Данска зборуваат за концептот на граѓанин-истражувач и критичкото размислување во ера на интернет и масовни медиуми.
-
Паралелно со епидемијата на коронавирусот, се шири и една друга епидемија – епидемијата на стравот, паниката, погрешните информации, теориите на заговор, меѓусебната нетрпеливост и политичката поларизираност. Дополнително, во култури како македонската на пример, честопати е евидентно и непочитувањето на препорачаните мерки на однесување за време на епидемии и значаен дел од населението не практикува физичка дистанца. Ваквите реактивни појави дополнително ја комплицираат епидемијата и ја претвораат во еден уште потежок проблем. Оттука, правилното и објективното разбирање и менаџирање на човековото однесување во време на природни непогоди и епидемии е од исклучителна важност.
Со цел подобро да се разбере однесувањето на луѓето за време на епидемии, Атанас Кирјаковски и Гоце Симоноски го дискутираат неодамна објавениот препринт од поголема група на научници од општествените и бихејвиоралните науки од најдобрите универзитети во светот, во кој тие означуваат неколку битни аспекти на однесувањето, дискутираат и предлагаат идеи и даваат сугестии со цел да им помогнат на оние коишто носат одлуки за справување со епидемијата и на оние коишто макотрпно работат на пронаоѓање третман и вакцина.
Според овие научници, во првиот ред на борбата за справување со коронавирусот се токму здравствените работници, биолозите, епидемиолозите, компјутерските научници и инженерите, но голем допринос можат да дадат и општествените и бихејвиоралните научници во однос на идентификувањето и креирањето на ефективни здравствени пораки, да ги советуваат институциите и оние кои носат одлуки во однос на ефективно спроведување на мерките за совесно и рационално однесување, да помогнат во менаџирањето на неминовните чувства на осаменост и анксиозност, да ги идентификуваат културолошките фактори кои допринесуваат во ширењето на коронавирусот, да го мотивираат населението да опстои во време на овој предизвик и да им помогнат на што е можно повеќе луѓе не само да останат биолошки, туку и психолошки здрави. -
Ова е тизер за подкаст епизода #12 наскоро во која Атанас Кирјаковски и Гоце Симоноски зборуваат за психолошките аспекти на коронавирус епидемијата.
-
Астрофизичарот Марко Шунтов е најновиот член на тимот Наука за сите и е еден од ретките луѓе коишто одат чекор понапред во разрешувањето на мистериите на универзумот. Со љубопитност голема колку и самиот универзум, со макотрпна работа и знаење, како дел од Сорбона универзитетот, ги проучува најдалечните галаксии, заедно со темните невидливи делови кои тивко тлеат во утробата на универзумот. Покрај одличниот тим на научници и соработници, во неговиот поход му помагаат и машините – нивните паметни алгоритми стануваат се подобри и подобри во идентификувањето на досега непознатите галаксии. Затоа, не ја пропуштајте волшебната Маркова приказна во оваа 11-та епизода од Наука за сите подкастот во којашто тој ја открива во разговор со Атанас Кирјаковски.
МУЗИКА: Purple Planet Music -
Подкаст епизода #11 со астрофизичарот Марко Шунтов.
-
Томи Бошковски е докторски кандидат и истражувач при Институтот за биомедицински инженеринг, Политекник Монтреал, којшто е афилиран со Универзитетот во Монтреал, Канада. Неговите истражувања се фокусираат на конектомиката (наука која се занимава со мапирање на мозочната поврзаност) и квантитативната магнетна резонанца. Томи развива нови мрежни модели и методи за анализа на централниот нервен систем и се обидува да најде пософистицирани начини за рана детекција на неуроинфламаторните и неуродегенеративните заболувања, поспецифично, на Паркинсоновата болест и мултиплекс склерозата (невролошко нарушување кое настанува кога имуниот систем ја напаѓа миелинската обвивка на невронските аксони во централниот нервен систем и оптичките нерви). Во своите истражувања употребува машинско учење за анализа на податоци од квантитативна магнетна резонанца.
-
Епизода #10 тизер by Наука за сите
-
Машините не се повеќе „само“ машини. Со развојот на технологијата и вештачката интелигенција, машините, односно нивните алгоритми се повеќе ги манипулираат луѓето и навлегуваат во секојдневниот живот.
Од нивната употреба да раководат со автономни возила, до тоа комплексни алгоритми да одредуваат кој да ви стане љубовен партнер – навикнете се модерната технологија се повеќе да ви се меша во животот. Машините и нивните алгоритми стануваат се покомплексни и поспособни и тоа им дава нова функционалност на овие силиконски суштества. Затоа, поголема група научници предлага таквото нивно „однесување“ да се проучува како посебна научна дисциплина, односно да се сфатат како релевантни елементи на современиот екосистем. Атанас Кирјаковски подетално го објаснува овој феномен во Епизода 9 од Наука за сите подкастот. -
Од што е направена Вселената? Која е нејзината природа? Што е антиматерија и зошто постои далеку повеќе материја отколку антиматерија? Која е улогата на гравитацијата? – ова се само дел од прашањата кои се обидува да ги одгатне една од ретките Македонки, Ангела Глигорова, која како дел од Институтот за субатомска физика „Штефан Мејер“ при австриската Академија на науки, работи на експерименти во Европската организација за нуклеарно истражување (или скратено ЦЕРН). Во денешниов разговор со неа, кој го водеше Атанас Кирјаковски, објаснуваме концепти како „антиводород“ или „антипротон“, но и зборуваме за односот на јавноста и медиумите кон науката во Македонија, улогата на политичарите и потешкотиите со кои се соочуваат физичарите и другите научници во земјава. Огромна благодарност до Ангела за нејзиното одвоено време и се надеваме дека ќе уживате во разговорот.
-
Денешнава епизода е малку поразлична од претходните. Во неа нема друг соговорник со кој обично разговараме на интересни теми. Атанас Кирјаковски, соло, започнува подкатегорија на подкастот во која планира почесто да дискутира на одредени научни прашања или пак по негов избор селектира и презентира значајни и интересни научни трудови.
Темата на оваа епизода е машинското учење. Што претставува тоа? Каде и како се употребува? Какви видови на машинско учење разликуваме? Што се тоа big data, односно „големи податоци“ и на кој начин го стимулираат создавањето и развивањето на машинското учење? Слушнете повеќе во самата епизода. -
Денеска разговараме на теми од астрономијата со Александар Шулевски кој професионално се занимава со оваа наука работејќи на радиотелескопот LOFAR (Low Frequency Array) и проектот AARTFAAC (The Amsterdam-ASTRON Radio Transients Facility And Analysis Center) при Универзитетот во Амстердам, Холандија. Во разговорот ни се придружи и музичарот и композиторот Гоце Симоноски кој претходно учествуваше во нашиот подкаст и кој истовремено поседува долгогодишен интерес кон проучувањето на вселената. Во епизодава разговараме на најразлични теми – од неутронски ѕвезди, па се до тоа зошто астрономијата е скоро целосно отсутна во Македонија.
-
Ууууу... теории на заговор. Едни посветено веруваат во нив, други се скептични, трети ги исмеваат. Но некои, како денешната гостинка во Наука за сите подкастот – Ана Стојанов – ги проучуваат. Поточно, Ана е љубопитна да дознае зошто воопшто луѓето веруваат во теории на заговор. Taa е социјален психолог кој има прошетано низ повеќе земји во текот на образованието. Моментално се наоѓа на Универзитетот во Отаго, Нов Зеланд. Во нејзините пошироки професионални интереси спаѓаат когнитивниот развој, социјалната когниција, политичката психологија и психометријата. Во оваа епизода заедно со Атанас Кирјаковски разговараат за верувањето во теориите на заговор и истражувањата кои Ана ги прави во нејзината лабораторија токму на оваа тема.
-
Томе Ефтимов е роден во 1989 година во Струмица. Додипломските студии ги завршува на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитет "Св. Кирил и Методиј" - Скопје во 2011 година. Трипати е добитник на награда за исклучителни напори и достигнувања на Факултетот за електротехника и информациски технологии. Во текот на студирањето ја добива стипендијата за 125 талентирани информатичари, која беше доделувана од Министерството за образование и наука на Република Македонија. Магистрирал во 2013 година во областа на теорија на информации и комуникации. Докторирал во 2018 година на Научно-истражувачкиот Институт „Јожеф Стефан" во Словенија, на тема „Статистичка обработка на податоци и обработка на природни јазици за нутриционизам".
Од јануари 2019 година Ефтимов е постдокторски истражувач на отсекот за анализа на биомедицински податоци на универзитетот Стенфорд, Калифорнија, САД. Резултатите од научните истражувања на Ефтимов од последните пет години се објавени во меѓународни списанија со високи фактори на влијание, своето научно истражување го има претставено на повеќе меѓународни конференции и работилници, има одржано повеќе предавања поврзани со неговите истражувања на неколку Универзитети. Соработува со повеќе лаборатории и универзитети. Учествува во организација на повеќе меѓународни работилници и конференции и работи како рецензент во повеќе меѓународни научни списанија. - Se mer